Toше Проески
Тодор „Тоше“
Проески (25 јануари 1981 - 16 октомври 2007)
беше познат македонски пејач и една од најголемите ѕвезди на балканска музичка
сцена, каде што е доживуван како заштитен знак на Македонија. Музичката кариера
ја започнува со настапот на прилепскиот фестивал
Мелфест во 1997, каде што и победува изведувајќи ја
песната Yesterday од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните Пушти ме
(1997) и Остани до крај (1998). Има блиска соработка со
Џев Бек, Глигот Копров, Жељко Јоксимовиќ, Леонита
Вукомановиќ, Марина
Туцаковиќ, Бора
Ѓорѓевиќ, Миро
Буљан, Антонија Шола, Тони
Цетински, , Ања
Рупел и голем број на други влијателни балкански и светски музичари
и композитори. Се смета дека подемот во неговата кариера започнува по изведбата
на песната Твоите бакнежи на моите бели кошули на Скопскиот фестивал во 1999
година. Во меѓувреме Тоше станува дел од продуцентската куќа Авалон, каде што
останува се до истекувањето на неговиот договор во април 2002. Во 2004 година е
прогласен за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕВ. Негов заштитен знак е
познатиот израз Ве сакам сите.
Умира на 16
октомври 2007 во сообраќајна несреќа во Хрватска. Постхумно е прогласен за
заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб,17 октомври , беше
прогласен за Ден на Национална Жалост .
Биографија
Рани години
Тоше на детскиот фестивал Златно славејче - Скопје, 1992 година
Првите почетоци на музички план Тоше Проески ги прави уште во раното
детство настапувајќи на детскиот фестивал „Златно Славејче“ во 1992 година со
песната „Јас и мојот дедо“ испеана на влашки јазик. Тоше Проески ја започнува
својата музичка кариера на фестивалот “Мелфест” каде во 1997 година победува со
изведбата на Yesterday на
Битлси. Истата година учествува и на “Макфест” со композицијата “Пушти
ме". Тоше работи со еден од најпознатите македонски композитори и
текстописци Глигор Копров, соработка која ќе му донесе два од најголемите
хитови Усни на усни и Сонце во твоите руси коси. Во 1999 година го издава својот
деби-албум "Некаде во ноќта" кој содржи единаесет песни. Летото
истата година, Тоше го одржува својот прв концерт, кој, и покрај дождот и
лошото време, останува незаборавен за неговите обожаватели.
Во 2000
година Тоше учествува на “Скопје Фест” (од каде се избира македонскиот
претставник на Евровизија) со песната "Солзи прават златен прстен"
која, и покрај тоа што победува на теле-воутингот, на крајот го освојува
третото место, зад Каролона Гочева и победнициите XXL. Во овој период почнува да
ги снима и песните за својот втор албум “Синот Божји" кој е промовиран во
јуни 2000 година. Албумот ќе даде голем број хитови во опусот на Тоше, како
"Немир" (дует со Каролона Гочева), "Во коси да ти спијам",
"Излажи ме уште еднаш", како и "Илузија" и "Тајно
моја", две песни компонирани од Кире Костов, (со втората го освојува
второто место на фестивалот "Сунчане скале" во Херцег Нови,Црна
Гора).
Српската
продукциска куќа BK Sound” ги откупува правата за издавање на следниот албум на
Тоше на просторот на поранешна Југославија, што пак ќе резултира со Оскар на
популарноста на просторот на поранешните југословенски републики за 2000
година, како и со целосно распродани концерти во Скопје и Белград. Во 2001
година Тоше, заедно со неколку други македонски пејачи, отпочнува турнеја низ
Австалија.
Ѕвездена слава
Откако
минува одредено време заедно со својата нова менаџерка Лилјана Петровиќ
снимајќи во студио во Атина, Грција, Тоше го пушта во
продажба својот трет албум "Ако ме погледнеш во очи" на македонски и српски јазик.
Следи период на интензивна промоција во Македонија, Србија, Босна и Херцеговина
и Бугарија. Во април 2003
година, Тоше победува на фестивалот "Беовизија"
со песната "Чија си" која станува огромен хит во поголем дел од
балканските републики.
Со цел да го
подобри своето пеење, Тоше оди на часови кај маестро Вилијам
Рајли во Њуjорк
кој е в својата кариера е и учител на Лучијано Павароти.
По враќањето, Тоше одржува низа хуманитарни концерти низ Македонија. Ја
добива Хуманитарната награда Мајка Тереза а
во 2003 година станува регионален УНИЦЕФ амбасадор.
Следната
година МРТВ го избира Тоше за
претставник на Евровизискиот настап
кој се одржува во Истанбул, Турција. Во февруари, со помош на
теле-воутинг, жири и лично мислење, избрана е песната Ангел си ти. Во април Тоше го издава албумот "Ден за
нас", двојно це-де на кое се сместени осумте песни изведени на изборот за
песна на Евровизија. Следниот
месец, Тоше го освојува 14тото место со песната "Life",
англиската верзија на “Ангел си ти”. Пред изборот, станува омилена личност меѓу
репортерите, преку демонстрација на неговите инзворенди оперски квалитети на прес-конференциите.
Во 2004
година, именуван е за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. По тој повод ја
снима песната За овој свет која има и англиска верзија - This World и која
станува химна на УНИЦЕФ. Тоше потпишува
договор со Dallas Records за издавање на неговиот
следен албум во Хрватска и Словенија. Тоше ја
снима “Krajnje Vreme” со словенската пејачка Ања
Рупел. Во 2005, неговиот петти албум “По тебе” е
издаден низ целата територија на поранешна Југославија. По
тебе е сѐ уште еден од најуспешните албуми било кога издадени на Балканот - неколку
недели останува на врвот на листите во Република
Македонија, Србија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина.
Сингловите од овој албум пак, со месеци се задржуваат на највисоките места на
музичките топ списоци во овие земји.
Неговиот
следен албум - Божилак - е компилација на 14 избрани македонски
народни песни пропратени од симфониски оркестар. Во 2007
година, Тоше го издава и Игри без граници - неговиот последен албум.
Неговиот
последен концерт (уште еден во низата хуманитарни концерти) оддржан на 5 октомври 2007
година на градскиот стадион во Скопје беше посветен на
ревитализација на македонското школство. На концертот беа присутни повеќе од
40.000 посетители.
Композитор и текстописец
Тоше Проески
исто така се потврдува и на полињата на компонирањето музика. Има напишано
неколку песни за себе - Има ли ден за нас?, Слушаш ли?, Малечка и Полско цвеќе.
Во 2004, Проески ја компонира и Муза - голем
хит за Мартин
Вучиќ и наслов на неговиот следен албум. Во едно интервју, Тоше има
речено дека има повеќе од 100 искомпонирани и напишани песни за кои чека прав
момент за да ги издаде.
Супер Тоше
Борба против
злото, елиминација на непријателите, победа на доброто беа главните црти на стрипот „Супер Тоше“, во кој главниот јунак
беше правен според ликот на Тоше Проески. „Супер Тоше“ беше првиот стрип во
државава во кој главен протагонист беше популарниот пејач, а сето тоа беше дел
од хуманитарната кампања која се одвиваше под мотото „Суперхерој на хуманоста“.
„Во стрипот
ги вметнавме сите доблести и карактеристики на Тоше за да изградиме фиктивен
суперхерој, кој се надеваме ќе прерасне во идол на младите. Тоше е идеализиран,
но на тој начин сакаме да им дадеме верба на младите за победа на доброто над
злото“, изјави своевремено Оливер Ромевски, автор на „Супер Тоше“. Задачата на
Тоше воопшто не беше лесна. Тој како оружје го имаше својот суперглас со кој се
обидуваше да го елиминира злото и да ги победи непријателите, меѓу кои
предничеше Мистер Пират, главен во пиратеријата во целиот свет, шверцот со
деца, криминалците со дрога и оружје...“
Згодите и
незгодите на Супер Тоше беа стокмени на 32 страници во црно-бела техника, а на
дел од нив беше сместено и интерактивното катче Супер Тоше фан-клуб, како и
хуманитарните содржини наменети за оние што имаат потреба од помош.
Победа на Беовизија
На 13 април 2003
година, Тоше Проески победи на првата Беовизија
(фестивал на кој од 2004 година се избира српско-црногорскиот, а од 2007
само српскиот претставник на Евровизија). Тоше на
Беовизија настапи со песната Чија си, на авторскиот тандем Леонтина
Вукомановиќ и Жељко Јоксимовиќ,
која на крајот имаше вкупно 75 поени, што беше дури за 29 гласа повеќе од
второпласираната композиција.
Значењето на
победата на Тоше беше голема пресвртница и значаен момент во неговата кариера,
особено поради тоа што на фестивалот настапија мошне популарни
екс-југословенски ѕвезди, а во стручното жири членуваа истакнати музички дејци.
Искачувајќи се на сцената, уште еднаш да ја отпее победничката песна, Тоше
Проески не пропушти прилика да ја спомне својата земја, истакнувајќи дека би
било убаво доколку Македонија или СЦГ
во 2005 ја организираат Евровизија.
Песната Чија
си стана еден од најголемите хитови што Тоше ги испеа во целокупната кариера,
песна која заедно со Тајно моја ја лансираше македонската мегаѕвезда директно
во редот на најпопуларните изведувачи кај нашиот северен сосед и пошироко.

На 49-тото
издание на Изборот за песна на Евровизија, Македонија ја
претставуваше нејзината најголема музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше се
претстави со песната Life, која всушност беше преработена верзија на оригинално
избраната Ангел си ти.
Оваа песна
беше избрана на 14 февруари 2004
година, во конкуренција со уште седум други песни од еминентни музички имиња,
напишани специјално за Тоше.
Инаку,
музиката и аранжманот на песната Ангел си ти се на
Јован
Јованов, а текстот на Илија
Николовски. Оваа композиција беше убедливо најдобра, како според
телевоутингот, така и според 11-членото жири, а најмногу му се допадна и на
самиот Тоше.
На Изборот
за песна на Евровизија, Тоше со својата моќна и енергична изведба како и со
придружните вокали кои направија артистично шоу на сцената, успеа да се пласира
од полуфиналната на финалната вечер. На финалната вечер, со освоени 47 поени се
пласираше на 14-тото место.
Иако Тоше не
беше задоволен од својот пласман, поради познатата соседска размена на гласови,
како и поради самиот евровизиски концепт кој не бара врвни пејачки квалитети,
туку акробации и жонглирање на сцена, сепак Македонците достојно ја пречекаа
својата ѕвезда при враќањето од Истанбул во толкава
бројност и толкава еуфорија, исто како Тоше да победил на Евровизија.
Вториот голем концерт на Градски стадион
На 23 јуни 2006
година се случи вториот голем солистички концерт на Тоше, на Градскиот стадион.
Спектакуларниот концерт започна со атрактивна танчерска група од Белград и во ритамот на
придружниот состав на Тоше, Blue
Funky Individuals. Воведните стихови на огромниот хит По тебе
ветуваа дека журката на Градски ќе биде незаборавна.
Легендарната
Јужна трибина беше преполна, како и тревникот пред бината, што уште повеќе го
мотивираше Тоше да го даде својот максимум. Се редеа хитовите од албумот По
тебе: Рани на усните, Громови на душа, Кој ли ти гризе образи, Полско цвеќе...,
како и песните од претходните изданија: Во коси да ти спијам, Лејди, Излажи ме,
Сонце во твоите руси коси, Далеку од мене, Ангел си ти... Секоја од нив беше
прифатена еуфорично.
Некаде на
половината на концертот, на сцена се појави етно пејачката Биља
Крстиќ, која во дует со Тоше ја испеа Јовано, Јованке, а додека Тоше
се пресоблекуваше, Биља ја почести публиката со својот голем хит Пуче пушка од
филмот Зона
Замфирова. Со неверојатна енергија, Тоше беше брилијантен и во
другиот дел од концертот, кој официјално заврши длабоко по полноќ.
На бисот
уште еднаш ја отпеа По тебе, како и Зајди,зајди. Веднаш после концертот Тоше
замина за Будва.
Концерт во Белградска Арена
Нa 14 февруари 2007
година, Тоше одржа спектакуларен концерт во српската престолнина - Белград. На неговиот
концерт присуствуваа помеѓу 15 и 20 илјади луѓе од сите генерации. Концертот се
одржа во Белградската Арена, најубавата сала за концертни, културни и спортски
активности на Балканот.
За концертот
на Тоше, српските медиуми известуваа неколку дена претходно, респектирајќи го
како голем и централен настан во српската метропола. Тоше со своето тричасовно
шоу успеа да го докаже тоа. Тој го започна концертот со песната Пратим те
(македонска верзија По тебе), а потоа се изнаредија сите негови хитови од
српската фаза на неговата кариера, со исклучок на Тајно моја, која публиката на
течен македонски ја испеа хорски, од прв до последен збор.
"Ова е
најсреќен ден во мојот живот. Првпат ми се случува концертот кој уште да не е
почнат, јас се плашам дека ќе заврши" - рече Тоше по неколку испеани
песни. На одличен српски јазик,
Тоше без проблем комуницираше со својата публика како никогаш до сега. Ерупција
од задоволства настана кога најпрво им го честиташе православниот празник Св.
Трипун, па меѓународниот Св.Валентин. Фидбекот постојано се враќаше
од другата страна, оти фановите ги знаеја сите песни напамет.
Како што
забележаа некои медиуми, Тоше на концертот се покажа како одличен гитарист,
речиси на самиот старт кога се фати за гитара, во изведба на Лејди. Со него на
сцена беа и членовите на неговиот бенд Blue
Funky Individuals, диригентот Саша
Николовски - Ѓумар, симфониски оркестар, хор... и сите беспрекорно
си ја завршија својата работа.
Тоше на
концертот имаше и многубројни гости, Биља
Крстиќ со која ги испеа македонските народни песни Јовано,Јованке и
Море сокол пие, Џана
Нанини, со која заедничката песна Арија ја имаше својата светска
премиера, Александра
Милиќевиќ со која ја испеа песната 1200 Милји (во оригиналната
изведба со Гоца
Тржан), оркестарот на Срѓан
Азировиќ со кој ја исполни Несаница (тема од филмот Ивкова
слава) и Танец кои
уште еднаш докажаа дека се вистински македонски културни амбасадори.
Крајот на
концертот беше вистински делириум, бидејќи за крај беа оставени неговите
најголеми хитови - Лагала нас мала, Чија си и Срце није камен. Како специјален
подарок од Тоше за неговите фанови, тој ги исполни Fragile од Стинг,
Nothing else matters од Металика и некои други песни.
Третиот голем концерт на Градски стадион
Под мотото
„Образованието е одговорност на сите“ поп-ѕвездата Тоше Проески, на 5 октомври 2007
во 19:30 часот, одржа спектакуларен хуманитарен концерт на Градскиот стадион во
Скопје, поддржан од
организацијата УСАИД.
Парите од билетите, кои чинеа 200 денари, се искористија за петгодишниот проект
за основно образование финансиран од фондацијата. Со нив ќе бидат реновирани
околу 100 училишта во Македонија, ќе се подобри наставната програма и ќе се
спроведат образовните реформи. На вeчерната прес-конференција во хотелот
„Континентал“, освен Тоше, присуствуваа претставници од УСАИД. Директорот Мајкл
Еди, кој се обрати на македонски, рече дека се гордее што работи со ѕвезда од
рангот на Проески. Тоше истакна дека „Никола Карев“, училиштето во кое учел во Крушево, забрзано се
реновира.
- Чест ми е
што сум дел од проект од вакви размери и од големи планови за македонското
образование. Сите концерти ми се драги, но хуманитарните многу ми значат оти
остануваат трајно. Ако се подобри образованието во Македонија, ќе имаме
поздраво општество - изјави Тоше.
Како негови
гости настапија Адријан
Гаџа, Бојан
Маровиќ и Антонија Шола.
Тоше на прес конференцијата непосредно пред концертот истакна дека секогаш ќе
се чувствува како Македонец и никогаш нема да ја напушти својата татковина. -
На успехот секогаш е залепено зло зашто човечката природа е таква. Се надевам
на поддршка од сите за да се справам со злобните луѓе, оти не можам да го
направам тоа сам - рече пејачот. Вториот голем солистички концерт на Тоше
Проески, на Градскиот стадион, повеќеилјадната публика ќе го памети по неговиот
силен и енергичен настап, како и по фактот дека таа ноќ Тоше максимално ѝ се
даде на македонската публика. Особено запаметено останува неговото барање:
"Сликајте ме со ѕвезденото небо", кога илјадници мобилни телефони и
запалки светнаа на неговите романтични рефрени.
Со
специјални материјали, концертот од 5 октомври 2007 година, беше емитуван на Бадник - 6 јануари 2008
година на А1 Телевизија,
од 15 до 19 часот.
Сообраќајна несреќа
Тоше Проески
загина на 16 октомври 2007
во трагична сообраќајна несреќа на автопатот Загреб - Липовац, кај местото Нова Градишка
во Република Хрватска,
на возраст од 26 години. Во мигот на несреќата, Тоше се
наоѓал на со-возачкото седиште во возилото Volkswagen Touareg кој со голема
брзина удира во приколката на камионот пред него и потоа во крајпатната
заштитна ограда. Останатите двајца патници - возачот Ѓорѓе
Георгиевски поминува со потешки додека неговата менаџерка Лилјана Петровиќ
со полесни повреди. И двајцата се вон-животна опасност.
Последното испраќање на Тоше
Телото на
Тоше, пречекано на аеродромот Александар Велики од премиерот и висока владина
делегација
Телото на
Тоше пристигна на аеродромот "Александар Велики" од Хрватска, на 16 октомври,
околу 23 часот, со хеликоптер на Армијата на Република Македонија. Целата
нација со солзи го пречека во родната Македонија, со оглед
на тоа дека настанот беше пренесуван од сите национални телевизии. На
аеродромот, неговото тело беше пречекано од неговите најблиски и од владина
делегација на чело со премиерот Никола Груевски.
Беше организирана мала процесија од страна на почесната гарда на Армијата. Во
сите македонски градови и села веќе беше отпочнато оплакувањето на најомилениот
естраден лик и македонска национална гордост. На плоштадот
"Македонија" во Скопје, масовно се палеа
свеќи, а народот спонтано излегуваше на улиците за да го пречека и испрати на
патот до Крушево.
Погребот на
најголемата македонска музичка ѕвезда започна утредента во 13 часот, откако
претходно беше одржана комеморација пред споменикот Македониум.
"Крушево и Македонија уште од Илинден 1903-та не ги обземало таква тага и
очај. И со право, зашто изгуби ангел. Продолжи Тоше да пееш, на небото,
придружуван од ангели" - се прости архиепископот г.г. Стефан од
„ангелскиот глас“. Овие зборови на архиепископот г.г. Стефан најдобро ја
опишуваат атмосферата во која Македонија се прости од својот „ангелски глас“
Тоше Проески. Со липање и со неизмерна почит верната публика и на крушевско
Гумење му го подари последниот аплауз на својот сакан. Премиерот Никола Груевски
во обраќањето рече дека Тоше нè научи на чистота, на јасност, на упорност, на
скромност, на хуманост, на искреност. - Нè научи на вредности на кои треба да
почива универзумот. "Ни остави песна за да нè теши и да нè потсети како е
да се биде човек" - рече Груевски на комеморацијата пред неколку илјади
крушевчани, Македонци, почитувачи на Тоше, кои како река дојдоа да се простат
со својот миленик. Тажното простување од големата ѕвезда почна уште во 11
часот, во црквата „Пресвета Богородица“, каде што Тоше бил крстен. Мирисот на темјан
измешан со мирисот од запалените свеќи само ја дополнуваше траорната атмосфера,
во која присутните го оплакуваа милиот пејач. Црквата беше претесна да ги
собере сите што за последен пат дојдоа да се поздрават со големиот човек.
Од црквата
ковчегот беше ставен на лафет од каде што поворката тргна кон месноста Гумење,
кај Споменикот на
крушевската револуција. Другарите на Тоше со венци и со цвеќиња во
рацете го предводеа ковчегот до вечното почивалиште. Мајката на Тоше, која ни
за момент од рацете не го испушти македонското знаме што го покриваше сандакот
неутешно плачеше изговарајќи го неговото име. Големиот простор кај Споменикот
на Крушевската Рeпублика беше премал за да ја собере сета тага што надвисна над
малото гратче.
Трогателно,
со многу емоции актерката Весна
Петрушевска со говор се прости од својот пријател. -
"Најстрашно е што Македонија го изгуби најдоброто нешто. Мислам дека умре
надежта. Мислам дека умре најголемата ѕвезда што некогаш се родила во
Македонија" - рече Петрушевска.
Долга беше
редицата на сите што сакаа да се поклонат пред неговиот ковчег и последен пат
да ја бакнат сликата на Тоше. Освен родителите и најблиските роднини
најнеутешни беа неговата менаџерка Лилјана Петровиќ
и блиската пријателка на Тоше, Адријана
Будимир. Илјадници крушевчани и луѓе од другите градови со часови се
стискаа на гробиштата во Крушево за да го
испратат Тоше до вечниот дом. Неколку часови имаше само молк и по некоја
воздишка. И со некој шепот за тоа каков ангел изгуби земјата. Молк. Но, по само
првиот такт на посмртниот марш залелека цело Крушево. Дури и кучињата болно завиваа
како да ја чувствуваа тагата по земниот ангел. Покрај свежо ископаниот гроб,
таткото на Тоше, скршен од болка, побара да го отворат сандакот за да види го
својот син за последен пат. Додека го отвараа капакот и Адријана Будимир посака
да го види. И на двајцата им ја исполнија желбата.
Болни
крикови одекнуваа додека ковчегот со телото го спуштаа во гробот, испратен со
почесна стрелба на почесната стража на АРМ. Постхумно прогласен за почесен
граѓанин на Македонија, Тоше беше погребан со најголеми државни почести. На
неговото испраќање присуствуваше државниот врв, а венци пред ковчегот со
неговото тело положија претседателот Бранко Црвенковски,
премиерот Груевски, претседателот на Собранието Љубиша Георгиевски
и речиси сите членови на Владата, делегации од политичките партии, хуманитарни
организации на кои тој несебично им помагаше. Во реката луѓе што се поклонија
пред големиот пејач беа неговите колеги, пејачи од Македонија и од Балканот, актери,
црковниот врв, но и одбојкарите од неговиот клуб, игроорци, неговите пријатели,
илјадници обожаватели... Последна почит му оддадоа и многу негови пријатели од
балканската естрада, меѓу кои македонската поп дива Калиопи и нејзиниот
сопруг, актерот Васил Зафирчев,
оперската дива Весна
Гиновска-Илкова, Бени
и Нора
Шакири, пејачот Адријан
Гаџа, хрватските пејачи Аки
Рахимовски, Тони
Цетински, српските пејачки ѕвезди Жељко Јоксимовиќ,
Светлана
Ражњатовиќ и други. Беа и амбасадорката на САД Џилијан
Миловановиќ, евроамбасадорот Ерван
Фуере и градоначалникот на Скопје Трифун Костовски.
Поради
големиот стрес, неколку лица колабираа за време на погребот и им беше дадена
лекарска помош. Меѓу нив беше и Лилјана Петровиќ, која не дојде на гробиштата
бидејќи по комеморацијата ја однесоа во болница.
No comments:
Post a Comment